Бутел на милиметри до ТОП 5 – го совлада Тиквеш

Тимот на Бутел Скопје многу веројатно ќе заврши на петтото место оваа сезона во суперлигашкиот плеј-оф, откако славеше на домашен терен над директниот конкурент Тиквеш со 21-20.

Бутелци сега имаат 24 бодови, исто колку и Тиквеш, но момците на Горан Кузманоски имаат подобар меѓусебен скор од кавадарчани и при еднаков број бодови на крајот, што е за очекување, тогаш Бутел Скопје ќе заврши петти.

Домаќините отворија одлично и водеа во повеќе наврати со по четири погодоци, но како одминуваше времето така гостите се враќаа во игра и на паузата се замина со нерешен резултат, 11-11.

Слично се одвиваше мечот и во вториот дел, Бутел се одлепи на плус три, но не користеше шанси за да ја зголеми предноста, па казната стигна и на три минути до крајот Тиквеш се врати во егал, 19-19.

Гостите имаа шанса и да поведат, но не го сторија тоа, па Бутел преку Узунчев, а потоа и Тодески кој погоди кога нападот беше пасивен, стигна до решавачки плус два, 21-19, кога и Трајкоски имаше клучни одбрани. Стојановски намали на минус еден, но немаше време за нешто повеќе.

Во следното коло, Бутел Скопје ќе гостува кај Еурофарм Пелистер, а екипата на Тиквеш ќе го пречека тимот од Автокоманда.