Бутел лесно го реши Вардар Неготино за осми триумф

Бутел во натпревар од 13. коло од Супер лигата на свој терен го совлада Вардар Неготино со 26:19 и се израдува на осми сезонски триумф.

Тимот на Кузманоски во последното коло од регуларниот дел од Супер лигата го очекува Пролет, додека Вардар Неготино на свој терен ќе игра со дебитантот од Автокоманда.

Доколку Пролет на денешниот дуел со Еурофарм Пелистер не направи сензација, тогаш Бутел ќе ја обезбеди 3. позиција на табелата во групата Б и во плеј-оф фазата ќе стартува со бод.

Избраниците на Горан Кузманоски, кои на првиот меѓусебен дуел, кој беше одигран во Неготино, триумфираа минимално со 22:21, денес одиграа според посакуваното и целосно го надиграа ривалот.

На домаќините им беа потребни само пет минути да влезат во ритам, па така по почетната предност на гостите од 1:0, односно 2:1, бутелци со серија од 3:0 го презедоа водството, поведоа со 4:2. Добрата игра во одбраната на Бутел му овозможи и лесни голови од контри и полуконтри и јасно беше дека гостите ќе имаат тежок предизвик.

Голманот на Бутел, Бојан Блажески бранеше на потребното ниво, не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа и полека ги откажуваше упорните гости, кои на моменти се закануваа. Во 20 минута резултатот беше 8:3 за домаќините, додека по десет минути, односно на пауза, резултатската предност за тимот на Кузманоски беше 12:7.

Овие пет гола разлика беа доволни за Бутел да си го трасира патот кон посакуваната победа. Второто полувреме мина во знакот на домашниот тим, кој започна да се одлепува на поголема позитива.

Тренерот Кузманоски одлично ја распореди минутажата во својот тим и шанса на овој дуел имаа и останатите ракометари од клупата.

Најефикасни во победничката екипа беа Бојан Спасовски и Филип Николов со по пет погодоци, четири постигнаа Илија Пејковски и Владимир Јевтиќ.

Кај гостите најрасположен беше Ѓорѓе Орешков со седум погодоци, втор стрелец беше Драган Кузманов со три гола помалку.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ВАРДАР 196114130139
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14130139
3БУТЕЛ1480624
4ПРОЛЕТ1471622
5ГОЛДЕН АРТ1452717
6ПРИЛЕП14311010
7МУЛТИЕСЕНС1430119
8ВАРДАР НЕГОТИНО1420126