Ако првото коло е некој пример, тогаш сезонава ќе биде тешка за Куманово и сигурно пак ќе се бори за опстанок, бидејќи уште на стартот доби „голема шлаканица“ од Бутел. Тимот од Скопје кој неколку кола ќе мора принудно да игра во Автокоманда, го „збриша“ противникот и го испрати дома со полна мрежа, победувајќи го со 29-12 (13-5).
Бутел се наметна како тим кој не би требало да има проблем да стигне до плејофот, иако сезонава има млада екипа, составена претежно од домашни ракометари. На другата страна Куманово ако ја примени ланската пракса, тогаш на полусезона ќе го одврзе ќесето, па ќе купи повеќе ракометари за да избори опстанок.
А во меѓувреме ќе игра, и веројатно тешко ќе освојува бодови. Но, системот му овозможува сега да штеди, а потоа да потроши повеќе пари.
Бутел од сам почеток имаше водство без проблеми да ја наметна својата игра. На полувреме „плус 8“ на крај „плус 17“, што покажува каква била мотивацијата на двете екипи. За Куманово на овој меч не настапија Бразилецот Винициус и повредениот Димевски.
Кај домаќините по 6 гола дадоа Филип Николов и Дејан Михајловиќ, а кај гостите од Куманово пет гол апостигна Дамјан Јакимовски. Голманот на Бутел, Бојан Блажески, беше нерешлива енигма за гостите и запиша 21 одбрана.