Божиноска: Противникот е анализиран, очекувам пласман во четвртфинале

Ракометарките на Ѓорче Петров овој викенд им се враќаат на обврските на европска сцена.

Избраничките на Симе Симовски в сабота на свој терен го пречекуваат Хазена Кинжварт во рамки од осминафиналето во Европскиот Куп.

Победа на „лавиците“ на првиот дуел би значело и поголема психолошка предност на реваншот, но и зголемување на самодовербата.

Членката на Ѓорче Петров, Ива Божиноска, ги истакна своите очекувања за првиот натпревар со чешкиот тим.

„Одиме чекор по чекор на европска сцена, но, очекувам пласман во четвртфиналето во Европскиот Куп. За екипата на Хазена Кинжварт можам да кажам дека имаат одличен голман, а од позиционен напад најголема опасност гледаме од левиот бек со помош на средниот бек”, изјави Божиноска.

24-годишната ракометарка вели дека имаат подготвено добра анализа за незгодниот ривал од Чешка.

„После натпреварот со Вардар веднаш стартувавме со подготовките за натпреварот со Хазена Кинжварт. Најголем акцент во подготвителниот период имаме ставено на нашата игра, но имаме добра анализа направено за нападот на ривалот. За првиот дел од сезоната можам да кажам дека го остваривме тоа што го зацртавме, како на домашна сцена, така и во европски рамки”, заврши Божиноска.

Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Хазена Кинжварт ќе се одигра в сабота со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Автокоманда“.

Победникот од овој двомечот ќе се пласира во ТОП 8 во третото по ранг европско клупско натпреварување.

Кицеска: Целта е да стигнеме што подалеку во Европа

Ѓорче Петров против Кинжварт ја започнува борбата за ТОП 8 во Европа – влезот е бесплатен