Партизан за малку ќе направеше „од готово-вересија“ против Шампион

Ракометарите на Партизан Гевгелија прославија очекувана победа над составот на Шампион со 39-37.

Гостите парираа во најголем дел од првото полувреме, но попуштија пред паузата и гевгеличани заминаа со плус три на одмор, 17-14.

Во второто полувреме домашните ја имаа контролата, на пет минути до крајот беше 38-32, но гостите врзаа пет гола во серија.

Богоевски намали на минус еден, 38-37, кога остануваа уште триесетина секунди до крајот и го направи финишот драматичен.

За да нема изненадување се погрижи Савов со погодокот во последните секунди од мечот за 39-37 и нови бодови за гевгеличани.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Илија Пејковски со девет и Горан Лисичков со седум гола, додека кај Шампион се истакнаа Давид Јовчевски со девет, како и Ненад Богоевски и Филип Спирковски со по седум реализации.