Блесок на Ѓорѓески, Охрид-експрес мина низ Кавадарци!

Екипата на Охрид, по поразите од Алкалоид, Вардар и Еурофарм Пелистер, им се врати на победите во Супер лигата, откако на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш триумфираше со 24:20 во 13-от меѓусебен дуел.

За Охрид ова беше втора победа во плеј-офот, додека Тиквеш е на една победа во разигрувањето за титулата, односно во битката за Европа.

Охриѓани победата ја најавија уште во првиот дел, кој го одиграа перфектно, со само шест примени гола, а во вториот дел домаќинот ја искористи опуштеноста на гостите во финишот за помал пораз.

По нерешените 3:3, гостите со два гола во низа се одлепија на плус два, 5:3, и до крајот на натпреварот играа како по ноти. Охрид со расположените Јукиќ и Орјоникидзе имаше 8:4 по петнаесетина минути игра, а тренерот Грчевски мораше да побара тајм-аут во 18-та минута, со цел неговите избраници да заиграат според планираното и посакуваното, но ниту советите не вродија со плод.

Домаќинот во периодот од 13-та, па се до 25-та минута беше без постигнат гол, а за тоа време гостите од Охрид постигнаа уште три гола за плус седум, 11:4. Избраниците на Алушовски немаа многу проблеми во последните пет минути од првиот дел и на пауза заминаа со предност од 14:6.

Гостите на стартот на вториот дел дојдоа до 17:8 и тука на домаќините им беше јасно дека бодовите ќе ги однесат „гладијаторите“. Охрид на моменти се опушташе поради високата предност, па Тиквеш успеа да ја преполови негативата за поблаг пораз.

Најефикасен во победничката екипа беше Теимураз Орјоникидзе со девет погодоци, шест имаше Гал Цирар, а голманот Даниел Ѓорѓески натпреварот го заврши со 12 интервенции.  Кај Тиквеш се истакна кружниот напаѓач Кристијан Анастасовски со седум погодоци.