Ракометарите на Еурофарм Пелистер в сабота пред својата публика ќе го одиграат последниот сезонски меч во суперлигашката конкуренција.
Последен ривал на избраниците на Бранко Ангеловски ќе биде тимот од Автокоманда, кој токму против битолчани славеше во финалето од Купот на Македонија.
За Еурофарм Пелистер натпреварот против вицепрвакот е од огромно значење, бидејќи со победа, или пак реми, ќе ја одбрани шампионската титула.
Доколку пелистерци загубат, а Вардар ја оправда фаворитската улога против Бутел Скопје, тогаш титулата ќе замине во рацете на „црвено-црните“.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и „сино-белите“ од Автокоманда е закажан за в сабота со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.
Од Еурофарм Пелистер соопштија дека за последниот сезонски натпревар преостанати се околу 200 билети.