Новиот суперлигаш од следната натпреварувачка сезона, тимот на Бисинов, останува на 100% учинок во прволигашкиот плеј-оф.
Тимот од Велес на гостувањето во Автокоманда кај Металург РА славеше со 36:34 (24:20) во натпревар од 12. коло.
Домаќинот се покажа како незгоден ривал и можеше да освои барем бод, но во последните две минути не успеа да го пронајде патот до мрежата на ривалот.
Во 58 минута резултатот гласеше 34:34, домаќините имаа неколку шанси да дојдат до реми и кога најмногу требаше немаа идеја како да реализираат, па така составот на Никола Бисинов ги казни грешките на домаќинот и остана непоразен.
Предводник во победничката екипа беше искусниот Ивица Илиев, кој постигна 11 погодоци, а го следеа Никола Димитров и Филип Сиљанов со шест реализации.
Во поразениот табор Филип Петровски и Кристијан Николовски беа најефикасни со по шест погодоци, по пет запишаа Христијан Крстаноски и Стефан Крстески.
Металург РА и следната сезона ќе игра во прволигашката конкуренција, додека Бисинов ќе се пресели во елитата и ќе се натпреварува со најдобрите македонски екипи.