Бисинов и натаму без пораз, лесно го освои Радовиш

Лидерот во прволигашкиот плеј-оф, екипата на Бисинов од Велес, ја продолжува победничката серија.

Во натпреварот што требаше да биде дерби на колото, полесно од очекувањата стигна до трите бода на гостувањето кај Радовиш со 40-26.

Велешани уште по првото полувреме го најавија триумфот во салата „25 Мај“, кога водеа со осум гола разлика, 17-9.

Второто полувреме беше само рутински одработено и Бисинов стави до знаење дека е најголем фаворит за првото место оваа сезона во плеј-офот.

Во следното коло велешани ќе играат дома со Македонија Ѓорче Петров, додека Радовиш ќе има тешко гостување кај Младост Богданци.

Бисинов сега е прв на табелата со девет бода, додека Младост е втор со шест.