Уште еден клуб „дигна глас“ против РФМ – обвини за „криминално судење“

За три дена, три клубови му дадоа „жолт картон“ на РФМ и натпреварувачката комисија што ги делегира судиите на натпреварите, барајќи правда поради „кражбите“ и “директните оштетувања“ на нивните натпревари.

Судиите се делегирани од Натпреварувачката комисија во која членуваат Камер Металари, Благојче Тодоровски и Иван Јосифовски, а се избрани од Управниот одбор на РФМ. Па затоа и „вината“ за сите негодувања одат на сметка на РФМ. И се почесто постои негодување од клубовите за судиските одлуки.

По Младост Богданци и женскиот шампион Ѓорче Петров, сериозни обвинувања на сметка на федерацијата и судиите упати и Пролет, еден од најстарите македонски екипи. Секогаш бунтовниот тим од Скопје, посочи три натпревари на кои смета дека бил многу оштетен од судиите.

„Ова веќе станува ненормално. Од натпревар во натпревар судењето е се покатастрофално за Тинекс Пролет. Она што го правеа судиите со Бутел, а успеавме да победиме, како да беше најава за сето она што ни се случуваше на последните две средби. Едно е да постои одредена погрешна проценка, две-три судиски грешки се нешто сосема нормално на секој натпревар, но 18 на еден дуел како овој со Охрид. Дефинитивно, ние сме сведоци на судиски криминал кој ја минува секоја граница и сметаме дека мораме да реагираме бидејќи ако овој тренд продолжи, ракометниот спорт ќе почне да тоне. Свесни сме за своите квалитети и веруваме дека (особено на домашен терен) можеме да се носиме со секого. Јавно прашуваме, зошто послабиот да не може да го победи посилниот, само затоа што судиите така ќе одлучат, секогаш во корист на финансиски помоќните клубови, а на штета на ракометниот спорт“, вели Сашо Огњеновски, директорот на Пролет.

Целото соопштение можете да го прочитате во прилог
http://www.rkprolet.mk/vest-statija/109880/reakcija-kriminalnoto-sudenje-protiv-tineks-prolet-mora-da-zapre-video/