Ангеловски: Против Кил во Германија нека биде исто како на оној меч во Битола!

Следен предизвик за ракометарите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето кај гигантот Кил.

Тренерот на шампионот Бранко Ангеловски, вели дека ова ќе биде голема шанса да се види каде треба да се напредува за во иднина да може тимот да се носи со вакви гиганти.

„Гости сме на колевката на ракометот, кај еден клуб што потекнува од државата каде ракометот е светост. Кил е клуб со огромна традиција, но оваа сезона не им цветаат рози во домашното првенство и во Купот на Германија. Секако дека нивниот фокус е освојување на титулата во Лигата на шампионите. Тие играат исклучително добро, врвен ракомет и силни се во сите сегменти во играта. За нас ова е голема шанса да видиме колку сме блиску или далеку од нив и уште колку ќе мора да работиме за во иднина да се носиме со нив. Посакувам натпреварот да биде сличен како оној во Битола, тука покажавме дека можеме да играме со силните екипи. Тоа беше вториот меч после Колстад. Бевме некако во грч и можеби не верувавме дека сме способни за позитивен резултат. Бевме блиску и до нерешено или до победа, но за жал тој грч на крајот се покажа како клучен за поразот. Би сакал да се повтори тоа во Германија. Мора да бидеме пожртввуани, да имаме густина во одбрана за да парираме. Кил одигра одлично кај Келце и покажа дека е еден од фаворитите за место на Ф4“, изјави Ангеловски.

На првиот меч во Битола, Кил победи со 23-20 со подобрата игра во последните неколку минути.

Натпреварот меѓу Кил и Еурофарм Пелистер ќе се игра во „Вундерино Арена“ во текот на утрешниот ден со почеток во 18:45 часот.