Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување и го совладаа незгодниот Тиквеш со 33:29 во првиот полуфинален дуел од Купот на Македонија.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, истакна дека не е задоволен од играта на неговите избраници, кои денес во дуелот со кавадарчани направија многу грешки и не одиграа на посакуваното ниво.
,,Резултатски е добро тоа што сме во финалето, но играчки сме катастрофа, можам да кажам дека ќе има добро „рибање“ сега во соблекувална. Секогаш го имаме истиот проблем кога ракометарите се враќаат од своите репрезентации. Таму играат некој свој систем, само во средата бевме комплетни, поголемиот број репрезентативци имаа ден одмор и фактички само со еден тренинг дојдовме на ова полуфинале, сепак, тоа не ја намалува нивната вредност и мислам дека не бевме на право ниво и мора многу подобро доколку сакаме да го освоиме трофејот. Сега ќе биде најважно да се одмориме и физички и психички. Кај сите 13 репрезентативци се гледаше емотивно празнење. Тиквеш покажа силен отпор, им честитам на играта, тоа и го најавив пред овој меч”, изјави Ангеловски.
Битолскиот тим, кој се наоѓа на чекор до одбрана на шампионската титула во домашниот шампионат, в недела со подобриот од дуелот меѓу Вардар и Алкалоид ќе се бори за 6-ти Куп трофеј.
Тиквеш даде силен отпор, но Еурофарм Пелистер ќе се бори за Куп трофеј