АНАЛИЗА СП 2025 МАКЕДОНИЈА – АВСТРИЈА: Не одбранивме ниту еднаш „седум на шест“ – тоа не чинеше победа

Противничкиот селектор Пајовиќ од 20-та минута се одлучи да игра „седум на шест“ и сметам дека тоа е единствената причина поради која денеска не победивме. Во тие 40 минути Македонија не одбрани ни еден таков напад на Австрија.

Ракометните љубители во Македонија, по одличното издание на ракометарите во групната фаза, очекуваа дека на натпреварот со Австрија ќе биде прекината негативната традиција која ја имаме и дека по пост од десет години ќе победиме една европска репрезентација на мундијалски настап. Но, Австрија покажа дека и без тројца клучни играчи на бековската линија, кои се и најдобри шутери во состав, дека има квалитет и успеа за кусо време да ја смени играта во напад.

Во мечот влеговме со очекувани 6-0 во одбраната, со Маркоски и Лазаревски во средината и со подлабоко излегување на Велковски кон Хутечек – најопасниот австриски офанзивен играч. Со тоа го спречивме и протокот на топката до опасното лево крило Фримел – тактика која даде резултат. Во нападот и покрај тоа што Кузмановски не влезе расположен имавме решение преку Митев и добро асистиравме на пикер и тоа ни донесе предност од 7:4. Необјасниво, нервозно направивме три техники грешки во една минута и тоа не чинеше, Австрија изедначи 7:7. По вторпат дојдовме до плус три со добра одбрана и преку Митев (10:7), но во тие моменти Пешевски промаши зицер, Митревски неуспешно шутираше од гол на гол и повторно Австрија дојде до еден негатива.

Противничкиот селектор Пајовиќ од 20-та минута се одлучи да игра „седум на шест“ и сметам дека тоа е единствената причина поради која денеска не победивме. Во тие 40 минути Македонија не одбрани ни еден таков напад на Австрија. Сметам дека требаше да пробаме да смениме нешто во одбраната. Дали со средните играчи Лазаревски и Маркоски, или пак, со подлабока одбрана на Хутечек, со фаул или со прекин на неговата дистрибуција на топка. Во нападите „седум на шест“ тој или погодуваше, или асистираше или отвораше простор за неговите соиграчи. Можеби промена во дефанзивата немаше да има ефект, може ќе беше и полошо, но факт е дека беше потребна промена.

Во второто полувреме имавме рововска битка, игра гол за гол. Сите комплименти одат на сметка на нападот, кој беше перфектен и во кој денеска немаше индивидуалец, туку сите превземаа одговорност. Се коментира дека Кузмановски имал слаб ден, но не се согласувам со тоа. Кузмановски покрај четирите погодоци имаше и четири асистенции во клучните моменти од мечот. Ме радува што видовме промена и во играта шест на пет каде не користевме два пикери. Покажавме дека сме технички потковани во таква ситуација да направиме вишок за бекови или, пак за крилата. Уште еднаш ќе повторам дека ова е најдоброто издание на оваа генерација на едно големо натпреварување и останува болка што не пренесовме повеќе бодови од групната фаза од дуелот со Унгарија и што не дојдовме до победа над Австрија.

Ракометното уживање продолжува! Со гордост го чекам следниот натпревар и очекувам победа против Катар и в сабота одново да покажеме „заби“ на големата Франција.