Алушовски пред дербито: Вардар е фаворит, но ние ќе направиме се што е во наша моќ да изненадиме

Дербито на 10 коло од суперлигашката конкуренција ќе се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“, каде што Вардар ќе го пречека Охрид. Двете екипи влегуваат во овој дуел по елиминацијата од европските купови, иако „црвени-црните“ имаат уште два меча и мали шанси за прогрес.

Вардарци и охриѓани се на делба на второто место на табелата со по 16 бодови, па сигурно ќе гледаме интересен натпревар.

По елиминацијата од Потаиса Турда, Охрид им се врати веќе на домашните обврски и триумфираше против Куманово на гостински терен, но и едните и другите немаа многу време за подготовки и тренинзи пред дербито.

Стратегот на Охрид, Стевче Алушовски, вели дека неговите избраници ќе се потрудат да го покажат најдоброто од себе, но ја препушта фаворитската улога на тимот што го предводеше две сезони.

„Вардар е фаворит, игра на домашен терен, но ние сигурно нема да излеземе со бело знаме. И ние и тие имаме тежок распоред, ние игравме во Европскиот Куп, тие во Лигата на Европа. Доста патувавме, имаме збиен распоред, малку сме уморни, но тоа не значи дека ќе бидеме неподготвени за дуелот утре. Знаеме со кој играме, Вардар е македонски бренд, меѓутоа ќе направиме се да се претставиме во добро светло и ако е тоа доволно да се радуваме“, вели Алушовски.

Стратегот на „гладијаторите“ смета дека неговите момци се физички добро подготвени и спремни за големи напори.

„И тие ќе бидат уморни, ќе имаат краток период за подготовка, но се игра дерби на врвот. Пак ќе кажам Вардар е фаворит. Ние против Куманово игравме добар натпревар, иако не сум задоволен од играта во одбрана бидејќи примивме 33 гола, но можам да најдам оправдување во тоа што долго патувавме назад од Романија и имавме само еден тренинг. Но мислам дека моите момци се доволно физички спремни да издржи секаков вид на напор. Ни претстои да се фокусираме само на домашно првенство. Ова е дерби натпревар, со конкурент за највисок пласман кој тежнее да биде шампион. За крај пак ќе кажам, фаворити се Вардар, но ние ќе направиме се што е во наша моќ да го изненадиме, и ако е тоа доволно, да го изненадиме. За среќа сите се здрави, освен Крстевски кој има мала повреда на прстот и нема да настапи во сабота, но на сите останати сметам во сабота“, заврши Алушовски.

Натпреварот меѓу Вардар и Охрид ќе се игра утре во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1АЛКАЛОИД14130126
2ВАРДАР 196114130126
3ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14120224
4ОХРИД14110322
5ТИКВЕШ 20141471615
6БУТЕЛ1470714
7ПРОЛЕТ1453613
8ПРИЛЕП1452712
9КУМАНОВО1430116
10БИСИНОВ Ф. Л.1421115
11СТРУГА1420124
12РАДОВИШ1401131