Алушовски: Целиме високо – се движиме сигурно

Охрид е решен повторно да биде фактори град каде ќе има силен ракометен тим, и сезонава имињата што се на теренот и покрај него во „Билјанини Извори“ даваат надеж дека е можно в година да се гледа можеби и европски ракомет. Повеќе нови играчи и нов тренер дојдоа сезонава, и малку време додека тоа се вклопи и почне да функционира. Доаѓањето на Стевче Алушовски во Охрид донесе ракометно развредрување, трасирање на пат како да се стигне до посакуваното.

„Гладијаторите“ тргнаа променливо во сезоната, почнувајќи од турнирот на кој тие беа организатори. Не баш добар беше и првиот дел од сезоната, но како минуваше време така и формата се подигнуваше. Откако во претходното коло го победија Тиквеш со 36-31, влегоа во редот на екипите што сигурно ќе бидат во ТОП 8, и се со големи шанси на крајот од групната фаза да бидат второпласирани и да пренесат два бода во разигрувањето за титулата.

Пласманот меѓу осумте најдобри екипи е обезбеден, а со триумфи во последните две кола може да се биде и веднаш зад актуелниот вицепрвак кој е во групата заедно со Охрид. Утре Охрид гостува кај дебитантот Аеродром, а во последното коло се домаќини на Скопје.

Целта на охриѓани е да влезат во плеј-офот и да бидат во трка за место што води во европските купови. Формата се темпира за пролетниот дел кога ќе треба да се одиграат уште 14 кола, а меѓу нив уште еднаш ќе играат со трите најдобри тимовите од А групата, и со четирите најдобри од Б групата.

“Можеби не тргнавме најдобро во сезоната, но секако требаше малку време и играчите да се навикнат, меѓусебе, на новиот систем, јас дојдов и полека, ама како што сакаме се местат коцките во мозаикот. Имаме време да ја дигаме формата, и на пролет треба да бидеме оние вистинските. Сега е период кога се гледаат резултатите од напорната работа. Играчите веќе знаат што и како треба да играат, и на тренинг и на натпревар, вели Стефче Алушовски, тренерот на Охрид.

По тренерскиот ангажман во Битола, во Скопје и Исланд, сега Охрид е неговата следна дестинација. Вели дека ги има сите услови за остварување на она што го има договорено со управата.

„Работиме напорно. Имаме високи цели, и се движиме сигурно, чекор по чекор кон она што треба да биде кулминација. Првенството сезонава во Македонија е интересно, а Охрид секогаш е место каде и најголемиот фаворит мора да игра на максимум. И досега покажавме дека можеме да играме добро. Имаме време формата да ја подигнеме уште повисоко. Најважно е што имаме голема поддршка од градот и градоначалникот. Сега останува на нас да го исполниме она што сите го сакаат. Охрид е ракометен град и заслужува да гледа мечеви со квалитетни тимови, вели Алушовски.

Она што го потенцира Алушовски е и добрата работа на клубот и со младите категории во Охрид, и очекува сезонава тие да блеснат во првенствата во нивната старосна категорија.

„Охрид има иднина, и допрва многу ракометари ќе пристигнат на сцената во иднина. Треба само да работат, а резултатот нема да ги одмине, смета Алушовски.