Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува најважниот натпревар во Лигата на шампионите против Динамо Букурешт.
Пелистерци мора да забележат победа ако сакаат да останат во игра за место во осминафиналето на елитното натпреварување.
Тренерот Раул Алонсо вели дека Еурофарм Пелистер е силен пред домашните навивачи.
„Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, изјави стратегот на пелистерци.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Динамо Букурешт се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.