АЕК преживеа кај Извиѓач, се чека македонско-грчка војна за евро-трофеј!

Ракометарите на АЕК Атина загубија на гостувањето кај Извиѓач Љубушки со 28-24, но овој пораз е безболен и покрај него се пласираа во финалето на Европскиот Куп.

Домаќините во еден момент имаа и пет плус, но високата победа од 37-28 на првата средба на АЕК му гарантираше мирен финиш.

Во победничкиот тим се истакна Одак со шест голови, а Вукшиќ, Чешко и Лукенда имаа по четири. Кај АЕК Атина, Матиќ даде шест, а Туре имаше пет реализации.

Ривал на АЕК во битката за трофеј ќе биде победникот од двомечот меѓу македонските „сино-бели“ од Автокоманда и Рунар Сандефјорд. На првиот меч во Скопје, тимот на Кирил Лазаров славеше со 42-37, а реваншот е утре.

Датумите за финалето во Европскиот Куп се 17/18 мај, односно 24/25 мај.