Абутовиќ: Знаевме дека ќе биде тешко, сега нема лесни натпревари!

Шампионот Еурофарм Пелистер направи уште еден сигурен чекор кон одбрана на титулата, откако во преполната сала „Боро Чурлевски“ го совлада еден од директните конкуренти, тимот на Кирил Лазаров со 30-28.

Искусниот член на Еурофарм Пелистер, Илија Абутовиќ, беше главниот бедем во одбраната на домаќините, ги сподели импресиите по освоените бодови.

,,Знаевме дека ќе биде поразличен натпревар од оној претходниот, знаевме дека ќе биде потешко, поцврсто…сега нема лесен натпревар во плеј-офот. Мислам дека ние бевме под притисок, гостите дојдоа порастеретено, што е нормално, и сега против секого е тешко да се игра. Нема ништо лесно до крај, под притисок сме, но професионалци сме, треба да знаеме да се носиме со тоа”, изјави Абутовиќ.

Во следното коло, битолчани му гостуваат на Бутел Скопје, додека „сино-белите“ исто така ги чека гостување кај составот на Охрид во СРЦ „Билјанини Извори“.