Некогашниот српски репрезентативец, Илија Абутовиќ, по 16 години се враќа во составот на Партизан.
Тој по настапите за Вардар, Рајн Некар Левен, Шарт и овие две сезони во Еурофарм Пелистер, ќе заигра одново во татковината.
Абутовиќ одново ќе соработува со Раул Гонзалес, со кој соработуваше четири сезони во Вардар и со кој освои една титула во Лигата на шампионите.
„Емоциите што ги имам кон клубот се огромни, сите мои пријатели и луѓе околу мене знаат дека сум навивач на Партизан. Посебен момент во мојата кариера ме врзува за овој клуб, а тоа е и првиот трофеј што го освоив во кариерата. Го освоивме Купот со победата над Колубара во финалето во Панчево. Долго време сум во контакт со раководството на клубот, моите поранешни соиграчи и ми се допадна целиот проект. Мојата голема желба беше да се вратам, многу сум среќен и ќе се потрудам да го правам она што најдобро го правам на теренот. Мислам дека тимот за следната сезона ќе биде добар, дека ќе бидеме поконкурентни и во Европа, не само во домашното првенство. Очекувањата се големи, особено со доаѓањето на, според мене, најдобриот тренер во светот – Раул Гонзалез. Работев со него четири години, поминавме низ многу работи и освоивме многу трофеи заедно“, изјави Абутовиќ.
Србинот потекнува од Црвенка, играше за Спартак Суботица, па за Партизан до 2010 година, а пред да дојде во Вардар во 2011 година, една сезона мина во словенечкиот Словењ Градец.























