Aтомски ракомет во Франција, Барселона го реши Нант во еден здив

Ракометарите на Барселона покажаа дека во моментов го играат можеби најдобриот ракомет во Лигата на шампионите, а на гостувањето во Франција кај составот на Нант беше забележана победа од 35:27.

Барселона имаше доминација во поголемиот дел од средбата. Почетните минути минаа во израмнета игра, но полека стануваше јасно дека Барселона има повеќе од играта. Гостинските ракометари многу лесно успеваа да стигнат до шанса за шут и реализација, а тоа им носеше многу голови.

Составот на Барса успеа првиот дел да го добие со 18:15, а големиот број на голови само докажува дека во овој период главното внимание беше насочено кон нападот. Во таквата игра Нант следеше, но не успеваше и да се доближи.

Второто полувреме донесе шанса и за Нант, но откако се доближи на 21:22 следуваше подобра одбрана од Барса и покажување на сила на теренот. Во тие моменти дојдоа до израз и голманите, а потоа и квалитетот во нападот, па многу лесно беше зголемено водството на 25:21 и потоа само продолжи зголемување на предноста за победа од 35:27.

Дика Мем со шест гола беше најефикасниот, додека Фабрегас и Палмарсон по четирипати погодија во противничката мрежа. Во редовите на Нант, Овничек имаше пет гола, а по четири постигнаа Лазаров, Пехмалбек и Ривера. Покрај името на Лазаров официјално се запишани уште две асистенции иако според играта имаше уште 3-4.