Германскиот првак Магдебург прослави убедлива победа над полскиот Келце со 35-30 во третото коло од Лигата на шампионите и практично го потврди местото во ТОП 12 фазата, а многу веројатно ја обезбеди и првата позиција. Келце е втор со четири бода, Криенс има два, додека Колстад е без бодови.
Двајцата исландски репрезентативци, Омаг Инги Магнусон и Гисли Кристјансон по 11 пати ја затресоа мрежата на Дејан Милосављев и Адам Моравски, и беа најзаслужни за убедливата победа, а свој удел имаше и хрватскиот тандем на голот – Матеј Мандиќ и Доминик Кузмановиќ.
Алекс Влах даде осум гола, додека Жилиен Бос имаше шест реализации за Келце, кој постојано бркаше негатива, бидејќи Магдебург водеше на паузата со 19-17, а во вториот дел ја имаше резултатската контрола на теренот.
ПСЖ славеше против Целје со 46-35 без особени проблеми и сега е на врвот во групата со пет бодови, пред Алборг кој има три, Загреб два, а Целје е без бодови. Хрватскиот и данскиот првак допрва ќе го одиграат својот меч. Кај Целје во составот не беше македонскиот интернационалец Димитар Узунчев, кој се уште е повреден.
По седум гола за ПСЖ дадоа Бјарки Мар Елисон и Елоим Пранди, додека Аљуш Анжиќ стрелаше девет пати за словенечкиот првак.

























