Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер утре го очекува важен натпревар од групната фаза во Лигата на Европа и гостување кај полскиот Вибжеже Гдањск.
Интересна приказна пред натпреварот има десниот бек Јонут Станеску, кој познава неколку ракометари од таборот на Еурофарм Пелистер.
Стенеску се познава со Никола Митревски од периодот кога македонскиот голман настапуваше во Констанца, додека со Сеид Хеидарирад се среќавал во дуелите против Динамо Букурешт.
Токму за иранскиот голман Станеску се присети на интересна анегдота.
„Сеид го познавам од Динамо. Спортски, некогаш го ‘мразев’, бидејќи бранеше сè и често поради него губевме од Динамо. Но, надвор од теренот е одличен човек. Кога бев млад, по натпреварите доаѓаше кај мене, ме фалеше за добрите акции или шутеви и ми даваше совети“, раскажува Станеску.
За ракометарите на Вибжеже, натпреварот против Еурофарм Пелистер ќе има посебно значење – по 25 години одново се играат европски натпревари во Гдањск.
Филип Михалович, кој со седум гола беше меѓу најдобрите во победата над Гумерсбах, вели дека настапите во Европа се голема чест.
„Огромна гордост е што можам да бидам дел од оваа историја и голема мотивација за работа. Играњето во европските купови е признание и дава можност да се покажеме себеси, но и целиот клуб на европската ракометна мапа“, вели Михалович.
Натпреварот во Гдањск е исклучително важен за битолчани. Со победа, избраниците на Лино Червар би се вратиле во игра за врвот во групата, додека Вибжеже со нов триумф би направил голем чекор кон следната фаза.
Пред Еурофарм Пелистер стои тешка задача – противник со огромна мотивација, полна сала и свежа самодоверба по сензационалната победа во Германија. Но, битолчани имаат доволно европско искуство за да знаат дека токму ваквите натпревари можат да бидат пресвртница во сезоната.
Мечот меѓу Вибжеже Гдањск и Еурофарм Пелистер се игра утревечер од 18:45 часот во „ЕРГО Арена“ во Гдањск.
























