По поразот од Ла Риоха на домашен терен, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува нов натпревар и голем предизвик во групната фаза од Лигата на Европа. Пелистерци ќе гостуваат кај Вибжеже Гдањск во натпревар во „ЕРГО Арена“ утре со почеток од 18:45 часот.
За македонскиот вицешампион ова ќе биде нов сериозен европски предизвик, но и можност да дојде до првите бодови во групата, по неочекуваниот пораз од шпанскиот тим во првото коло.
Вибжеже, пак, со голема самодоверба го очекува натпреварот. Полскиот тим имаше одлична премиера во ЛЕ, откако на гостувањето кај германскиот фаворит Гумерсбах славеше со 38-34.
Во Гдањск добро знаат каков противник ги очекува, а тренерот Патрик Ромбел одлично го познава Жарко Пешевски, со кој соработуваше во Мотор Запорожје. Полскиот стратег има само позитивни зборови за македонскиот репрезентативец.
„Неверојатен човек. Ние го донесовме во Мотор, така што, тој беше мој трансфер. Како човек и како играч остави многу позитивен впечаток кај мене. Многу е вреден, има добар карактер и многу придонесува во нападот. Одлично игра блокови, ги фаќа топките, ефикасен е и борбен. Имам само позитивни спомени“, вели Ромбел.
Тренерот на полскиот состав очекува физички тежок натпревар против битолчани и посебно го истакнува искуството на Еурофарм Пелистер.
„Еурофарм Пелистер има неколку многу искусни играчи и добро подготвен тим. Ќе има многу борба“, оценува Ромбел.
Мечот меѓу Вибжеже Гдањск и Еурофарм Пелистер се игра утревечер од 18:45 часот.
























