Ривалот на Вардар во ЛШ донесе ново засилување

Францускиот Нант експресно реагираше по повредата на Каулди Одриозола и обезбеди ново решение за десната крилна позиција. Нов член на вицешампионот на Франција е српскиот репрезентативец Матеја Додиќ, кој во Нант пристигнува од хрватскиот шампион Загреб.

Додиќ има 23 години и потекнува од Врање, а со Нант ќе добие нова можност за настап на највисоко европско ниво. Договорот е постигнат до крајот на сезоната 2026/27, па српското крило ќе има можност да се докаже и во Лигата на шампионите.

Нант остана без Одриозола по повредата што францускиот тим ја претрпе на гостувањето кај Вардар во Скопје во второто коло од Лигата на шампионите. Французите така мораа да реагираат на пазарот, а решението повторно го најдоа на Балканот.

Минатото лето Нант го ангажираше Лука Периќ од Целје, а сега во францускиот состав пристигнува уште еден играч од балканскиот ракомет.

Додиќ во Загреб пристигна од Металопластика, но неговата прва сезона во хрватскиот клуб беше отежната поради здравствени проблеми. Тој повеќе од три месеци беше надвор од терените, а за Загреб дебитираше дури по паузата.

Во составот на Загреб за оваа сезона конкуренцијата на десното крило беше сериозна. Покрај Додиќ, на позицијата настапуваат и неговиот сонародник и српски репрезентативец Алекса Туфегџиќ, како и капитенот на клубот и хрватски репрезентативец Филип Главаш.

Францускиот тим сезоната во елитното натпреварување ја започна со две победи, додека во домашното првенство неодамна претрпе неочекуван пораз на домашен терен од Тулуз.