Леана Милосављевиќ беше едно од откритијата на Србија на „Трофеј Македонија“ во Охрид. Младата ракометарка има интересна животна приказна - родена и израсната е во Франција, татко ѝ има корени од Белград и Сараево, а нејзината мајка е Македонка. Токму во Македонија го одигра и првиот натпревар, но за сениорската репрезентација на Србија.
„Трофеј Македонија“ во Охрид за Леана Милосављевиќ ќе остане турнир со посебно значење. Не само затоа што младата ракометарка доби голема минутажа и остави силен впечаток во подмладениот состав на Србија, туку токму тука го оствари сонот што го имала откако почнала да игра ракомет – дебитираше за сениорската репрезентација.
А приказната има и интересна македонска врска. Милосављевиќ е родена во Франција, таму израснала и никогаш не живеела во Србија. Нејзиниот татко има семејни корени од Белград и Сараево, додека нејзината мајка е Македонка.
„Да, знам, многу чуден микс. Пораснав во Франција, а играм за Србија, така што има од сè“, раскажа младата ракометарка за „Спортски журнал“.
Иако животот го минала во Франција, во семејството се зборувало на српски јазик. Милосављевиќ открива дека мајка ѝ слабо зборува француски, па токму разговорите дома многу ѝ помогнале да го научи јазикот, а дополнително го усовршила откако почнала да настапува за младинските селекции на Србија.
Милосављевиќ почнала да игра ракомет на 12 години, а настапот за сениорската репрезентација отсекогаш бил нејзина голема желба. Селекторката Сандра Колаковиќ ја вклучи во составот за „Трофеј Македонија“, каде Србија одигра три силни натпревари во Охрид.
„Го остварив мојот сон и одиграв натпревар за првиот тим на Србија. Откако почнав со ракомет, тоа беше мојата желба“, изјави Милосављевиќ.
Пред турнирот Колаковиќ најави дека собирот во Македонија ќе биде можност за младите ракометарки да се наметнат во пресрет на Европското првенство. Србија дојде со подмладен состав, без дел од поискусните ракометарки кои имаа клупски обврски во европските купови. „Спортски журнал“ ја издвои како една од најсветлите точки на српскиот тим во Македонија, а на последниот натпревар со Црна Гора беше меѓу најзабележителните ракометарки на Србија и се избори за место во почетниот состав.
Нејзината репрезентативна приказна почнала пред три години. За време на семеен одмор во Србија, нејзините родители побарале контакт со Ракометната федерација за некој да ги следи нејзините настапи во Франција. Во февруари 2024 година Леана пристигнала во Караташ на пробен тренинг со младинската репрезентација.
Тогашниот селектор Зоран Барбуловиќ решил да ја задржи во составот, а оттогаш Милосављевиќ веќе настапи на две големи младински натпреварувања. Летово беше дел и од српската селекција на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина.
Милосављевиќ е родена на 19 јуни 2007 година, висока е 175 сантиметри и настапува на бековските позиции. ИХФ ја води како среден бек, а нејзин клуб е француски Стела Сен Мор. Во францускиот клуб веќе е вклучена и во сениорскиот погон. Потпишала договор кој во следните две години ѝ овозможува паралелно да настапува за младинската и за сениорската екипа, нешто што го смета за важен чекор во својот развој.
По дебито во Охрид, Милосављевиќ веќе има нова цел – да се најде меѓу патничките за Европското првенство.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























