Познати се финалистите на Светското клупско првенство во Египет. За трофејот ќе се борат Барселона и Веспрем, во реприза на минатогодишното финале.
Актуелниот шампион Барселона стигна до финалето со две убедливи победи. По триумфот над Пињеирос со 44-33, каталонскиот гигант го совлада и Замалек со 39-29, со што го обезбеди првото место во групата. Фабрегас и Баруфет постигнаа по седум гола.
Веспрем, пак, по вистинска драма дојде до победа против Фуксе Берлин. Унгарците губеа речиси цел натпревар, но направија неверојатен пресврт и со голот на Недим Ремили шест секунди пред крајот стигнаа до победа од 34-33.
Во последниот натпревар од групата, Ал Ахли убедливо го совлада Бурган со 35-17, резултат кој му го потврди на Веспрем првото место и пласманот во финалето. Египетскиот тим сега ќе се бори со Фуксе Берлин за второто место и бронзата.
Во Групата А, Пињеирос ја запиша првата победа на турнирот по пет години, откако го декласираше дебитантот Монтада со 37-22. Бразилците сега ќе го имаат решавачкиот меч со Замалек за второто место во групата.
Барселона – Веспрем повторно ќе биде големото финале на Светското клупско првенство. Минатата година каталонците славеа по продолженија со 31-30.


























