ЛУДНИЦА ВО КУМАНОВО: Костов со звукот на сирената донесе бод!

Гостите имаа четири гола предност на нешто повеќе од две минути до крајот, но Куманово со неверојатна завршница стигна до реми, 33-33. Наум Костов погоди од контранапад во последната секунда и го крена домашниот табор на нозе.

Куманово и вториот тим од Автокоманда ги поделија бодовите во еден од најдраматичните натпревари од досегашниот тек на сезоната. Гостите долго го контролираа резултатот и беа на чекор до победа, но домашниот состав не се предаде и беше награден со бод.

Почетокот донесе израмнета игра. Куманово водеше со 3-2, но гостите постепено ја презедоа иницијативата и по 6-7 направија серија од пет гола без одговор за предност од 12-6.

Тимот од Скопје успеа да ја сочува разликата до крајот на првото полувреме. Куманово во неколку наврати намалуваше, но гостите на паузата заминаа со водство од 16-11. Домашните подобро го започнаа вториот дел и од 11-17 се доближија на 15-18, а потоа и на 17-20. Гостите повторно го засили ритамот и во 44. минута ја врати највисоката предност од пет гола, 23-18.

Куманово постојано се обидуваше да го фати приклучокот, но гостите имаа одговор на секој налет. Во 58. минута скопјани поведоа со 33-29 и се чинеше дека прашањето околу победникот е решено.

Тогаш започна неверојатното враќање на Куманово. Наум Костов погоди од седмерец за 30-33, а Омар Солиман Радван намали на 31-33. Иван Димитров на седум секунди до крајот реализираше од левото крило за 32-33 и ја врати последната надеж кај домаќинот.

Кумановци успеаја да освојат уште една топка, а Костов истрча во контранапад. Искусното крило беше сигурно со звукот на сирената и погоди за конечни 33-33, со што му донесе голем бод на својот тим.

Наум Костов беше најефикасен кај Куманово со 12 гола, од кои седум од седмерец. Омар Солиман Радван постигна девет, а Марко Трајковски пет погодоци.

Кај гостите најдобар стрелец беше Јулијан Матевски со десет гола, додека Јован Петрески и Немања Џигеровски постигнаа по шест. Одличен на голот беше Стефан Јорданов со 14 интервенции.

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.