Катерина Дамјаноска имаше важна улога во победата на Македонија над Хрватска со 25-22. Македонската ракометарка беше меѓу предводничките на одличниот почеток, со кој нашата селекција уште во првото полувреме изгради предност од пет погодоци.
Голем број од македонските репрезентативки настапуваат надвор од домашното првенство, а според Дамјаноска, искуството стекнато во странство има значајна улога во нивниот индивидуален и репрезентативен напредок.
„Мислам дека играњето во странство многу придонесува, барем кога станува збор за мене. Тоа искуство ни помага да бидеме поподготвени и поинаку да размислуваме кога ќе дојдеме во репрезентацијата“, истакна Дамјаноска.
Нов селектор, нова енергија и поголема верба во сопствените можности. Тоа се промените што најмногу можат да се забележат во македонскиот состав по доаѓањето на Игор Марковиќ.
„Нашиот селектор е Црногорец. Знаете добро каков ракомет играат и каква атмосфера имаат. Мислам дека тоа беше нешто што најмногу ни го повторуваше во текот на овој турнир – да веруваме во себе и да ги подигнеме на едно повисоко ниво енергијата и меѓусебната поддршка.
Мислам дека првото нешто што ми падна во очи беше токму таа поддршка меѓу нас“, рече Дамјаноска.
Иако Македонија прикажа квалитетни партии, Дамјаноска потенцира дека има уште многу простор за работа пред Европското првенство.
„Најмногу беше споменувано тоа дека мора да ја подобриме нашата енергија. Ние сме добри девојки, имаме добра техника и добро тренираме, но мора да ја подигнеме енергијата на едно повисоко ниво и повеќе да веруваме во себе.
Периодот беше краток и селекторот не можеше да ѝ посвети многу време на секоја ракометарка поединечно. Затоа мора многу да работиме во следниот период, особено на последниот собир пред Европското првенство. Мора добро да тренираме, да ги слушаме неговите забелешки и брзо да ги впиваме сите информации, за да се подготвиме најдобро што можеме.
Искрено, за натпреварот против Србија бев оптимист и верував во победа. За Хрватска можам да кажам дека имавме одредени сомнежи, но си докажавме и самите на себе, а и на македонската публика, дека треба да веруваат во нас, да нè следат и да нè бодрат“, заврши Дамјаноска.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























