Цвијиќ по седум операции на колената: Вредеше – повторно би го избрала истиот пат!

Седум операции на колената, долги рехабилитации и постојана борба за враќање на ракометните терени.

Драгана Цвијиќ на првиот Женски ракометен форум во Охрид искрено зборуваше за последиците што врвниот спорт ги оставил врз нејзиното тело, но и за животните лекции што ги добила во најтешките моменти.

„Искрено, кога ќе се запрашам дали вредеа седумте операции на колената и сите борби низ кои поминав за повторно да се вратам, мислам дека вредеа.

Според тоа како денес се чувствувам и какво искуство носам со себе по завршувањето на кариерата, можам да кажам дека беше исклучително вредно.

Кога би можела повторно да почнам од почеток, сигурно би го направила истото. Не затоа што сум мазохист и уживам да бидам повредена и да страдам, туку затоа што токму од повредите научив најмногу.

Научив многу за себе и почнав да се прифаќам таква каква што сум. Си дозволив понекогаш да се чувствувам лошо и сфатив дека не морам да бидам добро секој ден. Научив да кажам ‘не’.

Повредите навистина многу ми помогнаа. Научив и како треба да живее еден спортист, како треба да се храни и на кој начин треба да тренира.

На почетокот бев тврдоглаво дете кое не прифаќаше ништо и постојано сакаше да оди со главата низ ѕид. Ако некој ми кажеше дека нешто не може да се направи, јас се обидував да го докажам спротивното. Притоа се уништував себеси само за да покажам дека можам.

Тоа беше цената што ја платив. Повредите се случија, ги прифатив и благодарна сум што преку нив добив можност да научам толку многу“, истакна Цвијиќ.