Охрид го декласира Прилеп со 34-18, а тренерот Борис Ројевиќ по натпреварот истакна дека најважно за него било сите ракометари да добијат минутажа и да го дадат својот максимум.
„Очекував победа, но не размислував за разликата. Најважно ми беше момците да го дадат максимумот, за што им честитам, и сите ракометари да добијат шанса. Секој од нив мина најмалку по 15 минути на теренот. Прилеп веројатно беше и малку уморен од натпреварот во средата. Добро го започна првенството и е сериозна екипа. Можеби конечната разлика е превисока, а веројатно и заморот влијаеше на тоа“, изјави Ројевиќ.
Следен предизвик за охриѓани е гостувањето кај Вардар во Скопје. Ројевиќ е свесен за квалитетот на ривалот, но најави дека неговиот тим нема да се предаде однапред.
„Одигравме неколку добри натпревари против Вардар, но Вардар во Скопје е исклучителен тим. Видовме дека и Нант буквално се провлече таму. Играат одлично на домашен терен. Ќе дојдеме со желба да го дадеме максимумот и да се претставиме во најдобро светло. На секој натпревар одиме на победа, така ќе биде и таму.“
Стратегот на Охрид сè уште жали за пропуштената можност против „црвено-црните“ во Суперкупот.
„Во Суперкупот го водевме натпреварот онака како што сакавме и многу малку ни недостасуваше. Имавме можност да му го нанесеме првиот пораз на Вардар во Македонија и сè уште жалиме за тоа. Мислам дека можевме да победиме, но сега гледаме напред. Ќе се бориме за што подобар пласман во првенството и ќе ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже.“
Ројевиќ на ракометарите ќе им даде два слободни дена, по што ќе започнат подготовките за дербито во Скопје.
„Треба добро да се ресетираме и малку да се одмориме од ракометот. Потоа ќе се подготвуваме за Вардар, со желба да одиграме одлично дерби за публиката и за сите што ќе го следат натпреварот“, заврши Ројевиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























