Фуксе Берлин супериорен, Веспрем и Барса со моќни изданија на клупскиот Мундијал

На Светското клупско првенство во Египет продолжија возбудувањата, а денот донесе четири убедливи победи на фаворитите. Барселона, Веспрем, Фуксе Берлин и Замалек без поголеми проблеми ги минаа своите противници и направија важен чекор кон остварување на целите во групната фаза, односно пласман во финалето.

Актуелниот светски клупски шампион Барселона стартуваше со убедлива победа над бразилски Пињеирос од 44-33. Каталонците одиграа одлично во нападот и уште во првото полувреме направија значителна разлика, а до паузата водеа со 23-16.

Иако тренерот Карлос Ортега им даде одмор на некои од главните играчи, меѓу кои и Блаж Јанц и Луис Фраде, Барселона продолжи во ист ритам. Најефикасен беше Дика Мем со 11 голови.

Во групата А, Замалек стигна до победа, откако убедливо го совлада дебитантот Монтaда со 42-17. Египетскиот тим уште во првото полувреме го реши прашањето околу победникот, бидејќи на пауза имаше предност од 20-8. Абделрахман Али беше најдобар стрелец со 10 голови, додека Мохамед Елбатави постигна девет.

Во групата Б, Веспрем беше подобар од Ал Ахли. Унгарскиот состав славеше со 31-23 и направи важен чекор кон пласман во финалето.

Веспрем контролираше поголем дел од натпреварот, а на полувреме имаше предност од 17-10. Голманот Микаел Апелгрен беше еден од клучните играчи со вкупно 14 одбрани и 37,8% успешност. Најефикасен кај Веспрем беше Уго Деска со седум голови.

Германскиот Фуксе Берлин имаше одличен старт на своето учество на турнирот и го декласираше дебитантот Бурган со 38-18.

Берлинскиот тим уште од почетокот наметна жестоко темпо и на полувреме водеше со 20-11. Матијас Гидсел одигра само 15 минути, но постигна четири гола и запиша четири асистенции, додека главната работа во нападот ја завршија Тим Фрајхофер со девет и Ајмерик Зепфел со 10 погодоци.

Одличен натпревар имаше и голманот Фредерик Хелер, кој го менува повредениот Андреас Паличка и кој во второто полувреме одбрани седум од првите девет удари кон неговиот гол.

Со убедливите настапи, јасно дека за финалистот од групата А ќе решаваат Барселона и Замалек, додека во групата Б Веспрем и Фуксе Берлин веќе ја најавија големата пресметка меѓу себе, која ќе биде клучна за првото место и пласманот во финалето.