Веспрем и Замалек со убедливи победи ја комплетираа квалификациската фаза на Светското клупско првенство во Египет. Унгарскиот и египетскиот гигант немаа поголеми проблеми против своите ривали и обезбедија пласман меѓу најдобрите осум екипи на турнирот.
Веспрем во првиот натпревар славеше над австралискиот Сидни Уни со 45-19 (25-6) и практично уште во првото полувреме го реши прашањето околу победникот.
Избраниците на Хави Пасквал одиграа одлично во одбраната, а токму освоените топки и брзите контранапади беа главното оружје на унгарскиот состав. Уго Деска постигна 11 гола, додека Мате Ганц-Петер беше најефикасен со 13 погодоци.
Со овој триумф, Веспрем обезбеди место во Групата Б, каде што ќе игра против Ал Ахли, Бурган и Фуксе Берлин.
Уште поубедлив беше Замалек, кој во вториот квалификациски натпревар го декласираше дебитантот од САД, Лос Анџелес, со 40-17 (21-11).
Американскиот тим се држеше до резултатот во почетниот период, но Замалек направи неверојатна серија од 13-2 и до полувремето стигна до двоцифрена предност.
Во вториот дел египетскиот тим продолжи во ист ритам и без проблеми стигна до убедлив триумф. Белал Масуд беше најдобар стрелец со осум гола, додека голманите Хешам Елсобки и Јусеф Салама имаа одлична вечер со по 11 одбрани.
Замалек со победата обезбеди место во Групата А, каде што ќе ги одмери силите со бранителот на титулата Барселона, бразилскиот Пињиерос и мароканскиот Монтада.
Со тоа е комплетиран составот на групната фаза на Светското клупско првенство.


























