Женската репрезентација на Македонија стартуваше победнички на домашниот турнир „Трофеј Македонија“, откако славеше против ослабената селекција на Србија со убедливи 29-21.
Ова е триумф над нашиот северен сосед по цели 18 години, откако последен пат Македонија ја совлада Србија на Европското првенство 2008 во Македонија со 31-30, кога за нашата селекција играа Малахова, Бујанова, Андреејева, Кресоја…а на спротивната страна беа Медвед, Ериќ, Лекиќ, Рајовиќ…
Треба да им се честита на нашите ракометарки за овој триумф, кој сигурно ќе биде голем мотив за следните пресметки на „Трофеј Македонија“ и пред ЕП, но треба да се знае дека ова е практично третиот состав на Србија, бидејќи недостигаат Рисовиќ, Радосављевиќ, Скробиќ, Јововиќ, Jaњушевиќ, Стамениќ…потоа сите ракометарки од Црвена Звезда и Наиса Ниш, па селекторката Колаковиќ мораше да комбинира со составот и имаше дури девет дебитантки во сениорскиот дрес. Но треба да се напомене и дека во македонскиот состав недостигаа Јована Мицевска Митев, Марија Јанкуловска и Теодора Дукоска.

Maкедонија имаше предност со 5-2, ниту еднаш не им дозволи на противничките да с заканат. Петковска запиша четири одбрани, а Србинките имаа многу технички грешки, кои најчесто ги казнуваа Арсениевска, Ристовска и Ризоска, па на полувремето нашата селекција имаше плус осум, 17-9.
Подолго време ја одржувавме предноста во вториот дел, но во еден момент по двата промашени удари од седум метри на Ристовска, Србија имаше напад за минус пет. Не го реализира, па македонскиот селектор Марковиќ побара тајм-аут. Неговата замисла ја потврдија на терен Арсениевска и Младеновска со гол за 24-17.

Беше одбиен тој налет на Србија, Марковиќ ги повлече Риистовска и Арсениевска, над кои имаше незгодни стартови, па во игра влегоа Коцева, Џатевска, Стефаноска, Дамјаноска, Коларовска, Миленкоска, на голот застана Илиќ…и со овие раккометарки Македонија ги одигра последните десетина минути во кои влезе со водство од 27-18, највисока залиха на мечот.
Немаше премногу возбудувања во финишот и Македонија рутински одработи за стартни бодови на „Трофеј Македонија“. За МВП на мечот беше избрана капитенката Сара Ристовска, која даде седум голови, а покрај неа во македонската селекција се истакнаа и Ангела Јанкуловска со пет и Емилијана Ризоска со четири гола. Во српскиот состав се истакнаа Александра Васиќ со седум и Милица Оташевиќ со пет погодоци.
Утре на програмата од 15:30 часот е дуелот меѓу Србија и Хрватска, додека од 17:30 часот ќе игра ние против Црна Гора.


























