Голманот на Фуксе Берлин, Андреас Паличка, заработи незгодна повреда на раката на натпреварот против Бергишер, кој неговиот тим го доби со убедливи 37:26.
Во еден момент од натпреварот, искусниот шведски голман се здоби со расекотина на раката, поради што настана и прекин на средбата. На теренот имало значително количество крв, па беше потребно време за да се санира ситуацијата и да се исчисти игралиштето.
По натпреварот, спортскиот директор на Фуксе Берлин, Боб Ханинг, откри дека станува збор за рана на раката, поради која Паличка ќе мора да паузира до три недели.
Тоа значи дека „лисиците“ ќе мораат без својот искусен голман да настапат на Светското клупско првенство, кое започнува следната недела во Египет.
За Берлин ова е сериозен удар во пресрет на настапот на светската клупска ракометна елита, бидејќи Паличка е еден од најискусните играчи во составот, а на голот останува само Ласе Лудвиг.
Фуксе Берлин на Клупското СП ќе мора да најде решение на голманската позиција додека Паличка се опоравува од повредата.


























