Ракометната федерација на Македонија, со цел дополнително да придонесе кон развојот, видливоста и унапредувањето на женскиот ракомет, за првпат ќе организира Женски ракометен форум, кој ќе се одржи на 26 септември 2026 година во Охрид, во рамки на Меѓународниот ракометен турнир „Трофеј Македонија 2026“.
Под мотото „One game. One voice. One future.“, форумот ќе обедини пет големи имиња од регионалниот, европскиот и светскиот ракомет на едно место, со една заедничка тема – иднината на женскиот ракомет.
Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ ќе ги споделат своите лични и професионални приказни – од првите чекори во ракометот до најголемите натпревари и освоените медали. Ќе зборуваат отворено за подемите и падовите, за поддршката што ја имале, но и за предрасудите со кои се соочувале, за можностите што ги нуди балканската ракометна сцена, но и за промените што се потребни за женскиот ракомет да продолжи да расте.
Меѓу панелистките ќе биде и селекторката на Црна Гора, Сузана Лазовиќ.
„Како дел од златната генерација на Црна Гора, Лазовиќ во незаборавната 2012 година освои сребрен медал на Олимписките игри во Лондон и злато на Европското првенство, а со Будуќност истата година ја освои и Лигата на шампионите. Европскиот клупски трофеј го подигна уште еднаш, во 2015 година. Играчката кариера мораше да ја заврши многу рано, на само 25 години, но остана во ракометот и изгради нов пат како тренер. Денес е селекторка на женската сениорска репрезентација на Црна Гора. Од ракометарка која освојуваше најголеми трофеи до жена која денес создава нови генерации – приказната на Сузана Лазовиќ е приказна за нов почеток, лидерство и останување во врвниот ракомет. Сигурни сме дека и нејзината приказна ќе биде вистинска инспирација за сите“, се вели во најавата на РФМ за Лазовиќ.
Посебен акцент ќе биде ставен и на истрајноста, лидерството и животот во ракометот по завршувањето на играчката кариера, како теми што се важни не само за врвните спортистки, туку и за генерациите што доаѓаат.
На едно место ќе бидат легендите, актуелните репрезентативки на Македонија, младите ракометарки од домашната сцена, како и тренери, спортски работници и луѓе кои секојдневно учествуваат во создавањето на идните генерации.
Првиот Женски ракометен форум е чекор на Ракометната федерација на Македонија кон создавање простор во кој искуството ќе се споделува, важните прашања ќе се отвораат гласно, а идеите за подобра иднина на женскиот ракомет ќе добијат свое место.

























