Тимот на Овче Поле ја запиша првата победа во новата сезона од прволигашката конкуренција, откако славеше против Аеродром со 32-31.
Во драматичен натпревар домаќините имаа повеќе среќа и се одбранија двапати од нападите на Аеродром, па бодовите останаа во Свети Николе.
Овче Поле имаше контрола над резултатот во текот на целиот меч, водеше со шест гола во повеќе наврати, но гостите во ниту еден момент не се предаваа и се бореа максимално.
На паузата беше 18-14 за домаќинот, а на пет минути до крајот 32-29, но потоа Поповски намали на 32-30, а и Митаноски казни една грешка за минус еден.
Овче Поле не реализираше и Аеродром доби шанса да израмни, но немаше погодок, а потоа уште една прилика остана неискористена и домашната радост можеше да почне.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Филип Петровски со осум и Кристијан Стаменков со седум гола, додека кај Аеродром се истакна Бојан Божиновски со девет погодоци.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗























