Илинден се израдува на прва, историска победа!

Ракометарите на Илинден ја запишаа првата историска победа за клубот во прволигашката конкуренција.

Избраниците на Дарко Јанев го совладаа тимот на Јехона со 37-28, откако на паузата имаа плус два, 13-11. Беше 11-11, но Цветковски и Зенговски се погрижија за предност на Илинден. Гостите во финишот на полувремето останаа без Мики Живкоски кој доби црвен картон по меѓусебното кошкање со еден од домашните ракометари.

Во вториот дел Јехона комплетно се врати во мечот, успеа и да поведе во повеќе наврати со по еден гол. Беше 23-22, но тука гостиварци застанаа, домашните се разиграа и ја направија клучната предност.

За осум нецели минути, Илинден даде осум гола, а Јехона само еден, па во последните десет минути домашните имаа 30-24 и беше јасно дека се на чекор до бодовите.

Лидер кај стрелците во победничката екипа беше Антонио Наковски со десет гола, додека Иван Најдовски стрелаше шест пат. Кај Јехона, искусниот Адис Салиу со девет реализации.