Барселона подготвува нов голем трансфер – за него ќе плати и обесштетување

Барселона веќе го гради тимот за сезоната 2027/28. Според „Мундо Депортиво“, каталонскиот гигант го договорил бразилскиот репрезентативец Брајан Монте од Монпелје, кој треба да потпише тригодишен договор до 2030 година.

Барселона продолжува однапред да ја планира иднината на својот тим, а следното големо име кое треба да пристигне во „Палау Блауграна“ е Брајан Монте. Според информациите на „Мундо Депортиво“, 23-годишниот лев бек на Монпелје ќе стане играч на Барселона во летото 2027 година и ќе потпише договор на три сезони, до 2030 година. Трансферот сè уште не е официјално потврден од клубовите.

Интересно е што Монте има договор со Монпелје до 2029 година, па Барселона ќе мора да плати обесштетување за да го доведе порано. Од францускиот клуб во февруари 2025 година официјално потврдија дека Бразилецот ја продолжил соработката до 2029 година.

Монте е добро познат и на македонската ракометна јавност. Минатата сезона беше еден од најважните играчи на Монпелје во европските пресметки со Вардар. На првиот четвртфинален натпревар од Европската лига беше меѓу главните фигури во францускиот тим, а ЕХФ посебно го истакна неговиот придонес во нападот.

Бразилецот во Монпелје пристигна во 2023 година од Пињеирос. Французите уште тогаш го претставија како еден од најголемите таленти на бразилскиот ракомет, а Монте многу брзо се избори за важна улога во екипата. Според официјалните податоци на Монпелје, висок е 192 сантиметри и игра на позицијата лев бек.

Со Бразил направи голем резултат и на Светското првенство во 2025 година, кога репрезентацијата стигна до четвртфиналето и го оствари својот најдобар пласман на светските шампионати. Монте беше еден од носителите на играта.

Доаѓањето на Монте е дел од поголемата реконструкција што Барселона ја подготвува за летото 2027 година. „Мундо Депортиво“ претходно објави дека каталонскиот клуб го избрал и младиот Маркос Фис како решение на десната бековска позиција, каде ќе остане празнина по заминувањето на Дика Мем во Фуксе Берлин.

На левата страна Барселона во моментов ги има Тимоти Н’Гесан и Јонатан Карлсбогард, но во Монте гледа играч кој долгорочно може да преземе многу поголема улога.

Каталонците разгледувале и други големи имиња како Симон Питлик, Мартим Кошта и Тибо Брие, но според шпанскиот медиум тие опции биле финансиски многу потешки поради конкуренцијата од богатите германски клубови. На крај изборот паднал на бразилскиот репрезентативец.

Монте веќе остави впечаток и во „Палау Блауграна“. Во март 2024 година постигна 11 гола без промашување во победата на Монпелје против Барселона со 37-34.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾