Сентовска броеше до 12, Овче Поле СУ без мака се справи со Шампион

Ракометарките на Овче Поле СУ имаа победнички старт на новата сезона во прволигашката конкуренција.

По службената победа над Стружанка во минатото коло, избраничките на Илија Бетувски прославија триумф над Шампион со 36-13.

Во првиот дел имаше многу грешки на двете страни, но квалитетот на страната на домаќинките беше евидентен. Во второто полувреме Овче Поле СУ комплетно го надигра ривалот и сега има два од два во новата сезона.

Некогашната кадетска репрезентативка на Македонија, Анастасија Сентовска, беше најдобра на теренот и постигна 12 погодоци за победникот, додека кај Шампион се истакна Бојана Божиновска со шест гола.