Тимот на Струга, кој ја игра првата сезона во сениорска конкуренција во Првата лига, запиша втор триумф.
По победата над Јехона во Гостивар, избраничките на Владимир Паноски и Теодора Гуллицоска славеа на домашен терен против составот на Гевгелија Југ во интересен натпревар со 26-25.
Стружанки отворија со водство 5-1, а на паузата беше 16-12, но по десетина минути игра во вториот дел гевгеличанки израмнија на 19-19.
На почетокот на последните десетина минути Струга одново беше на плус три, но Милевска стрелаше три пати во серија за реми, 24-24 и возбудувања во финишот.
Ашталкоска и Димитроска успешно завршија два напади на Струга, потоа Попова само намали на 26-25 и домаќинките ја задржаа топката до крајот за голема радост.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Елена Ѓонеска со осум и Матеа Димитроска со шест гола, а по седум за Гевгелија Југ постигнаа Нина Попова и Нина Милевска.























