Еурофарм Пелистер без проблеми до бодови во Струга

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер запиша втора победа, а прва на гостински терен во трите меча во Супер лигата, отако славеа убедливо кај Струга со 33-25.

Лино Червар и за овој натпревар не сметаше на дел од странските засилувања, па битолчани на „македонски погон“ стигнаа до триумф. По првиот дел беше 16-9, во вториот дел домашните се доближија на минус четири, но немаа сили за нешто повеќе.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа капитенот Филип Кузмановски со седум гола, како и Петар Атанасијевиќ и Ненад Белистојаноски кои погодија по шест пати. Никола Митревски беше одличен на голот со 11 интервенции, додека Давид Брестовац запиша уште три во вториот дел.

Кај Струга, голманите Мартин Јовановси и Кристијан Костадиновски комбинираа осум одбрани, а меѓу стрелците се истакнаа Костадин Петров со пет и Никола Јукиќ со четири погодоци.

Еурофарм Пелистер во следното коло го очекува братски двобој со Еурофарм Пелистер 2, додека Струга ќе го пречека Бутел Скопје во потрага по првите суперлигашки бодови оваа сезона.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗