Ракометарите на Тиквеш загубија на првиот натпревар од првото коло во ЕХФ Европскиот Куп од екипата на Еш со 30-27, но шансите за прогрес остануваат бидејќи и реваншот ќе се игра утре во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Тимот на Грчевски немаше голманска поддршка – голманите на Тиквеш имаа вкупно четири одбрани, додека кај ривалот, голманите запишаа 15 интервенции.
Домаќините отворија одлично со водство од 4-1, но гостите набрзина возвратија и беше 5-5 по десетина минути игра. Голманот на Еш, Менстер беше одличен во првиот дел и не дозволи кавадарчани одново да изградат предост, па на паузата се замина со реми, 14-14.
Најдобриот стрелец на Тиквеш, Бен Махфуд, отвори со промашувања во серија во вториот дел, а вториот голман на Еш, Фигуеира, продолжи кај што застана Менстер и бранеше одлично. Составот од Луксембург полека ја преземаше контролата на теренот, а домашните имаа се помалку решенија во нападот.
Во еден момент нивната предност отиде и на четири плус, 25-21, но Ончев и Симиќ ја вратија надежта за позитивен резултат од овој меч. Потоа Грчевски повика тајм-аут, па Чејовиќ и Ончев намалија на минус еден, 27-26, кога остануваа да се играат уште две и пол минути до крај.
Аговиќ, кој заедно со екс членот на Тиквеш, Аранда, беше меѓу најдобрите, на стартот на последната минута од пенал зголеми на 29-27, а домашните промашија во следниот напад, па Еш казни и со три гола позитива ќе го чека вториот меч.
Најдобри стрелци во Тиквеш беа Бен Махфуд со девет гола, и Ончев кој постигна пет, додеа Аговиќ со шест и Аранда со пет гола беа најдобри во составот на Еш. Реванш натпреварот е утре од 18:00 часот, а кавадарчани ќе бидат формално гости во својата сала и ќе имаат можност со добар резултат да направат прогрес во второто коло од ЕХФ Купот.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗
























