Искусен интернационалец би можел да стане ново странско засилување во Автокоманда. Според информациите на 24Ракомет, играчот веќе имал директна средба со Кирил Лазаров. Тимот од Автокоманда размислува за засилување на голманската позиција, а едно од имињата што се наоѓаат на радарот е Иван Пешиќ, актуелниот голман на Нант.
Според информациите на 24Ракомет, Пешиќ и Лазаров имале средба „очи во очи“ за време на престојот на Нант во Скопје. На состанокот, најверојатно, било разговарано за можноста искусниот голман да дојде во Македонија, како и за периодот во кој би можел да се реализира евентуалниот трансфер. Слична средба имало и меѓу Лазаров и претседателот на Нант, ден претходно, па можно е клубот да дал веќе и зелено светло за тој трансфер.
Во овој момент нема потврда дека двете страни се блиску до договор. Сепак, директната средба покажува дека интересот е конкретен и дека Пешиќ е една од опциите што сериозно се разгледуваат во Автокоманда. Уште пред почетокот на сезоната „сините“ од Автокоманда беа заинтересирани за голман, во комбинација беше Клемен Ферлин, но тој трансфер пропадна, а од друга страна, Лазаров мораше да се ослободи од еден голман кој сега го има во ростерот за да ослободи буџет.
Нант во средата гостуваше во Скопје и го победи Вардар со 33-32 во драматичен натпревар од Лигата на шампионите. Пешиќ беше дел од составот на францускиот тим, а престојот во македонската престолнина бил искористен и за разговор со Лазаров.
„Сино-белите“ сакаат дополнителна сигурност меѓу стативите. Иако во актуелниот состав има двајца сениорски репрезентативци, Галевски и Кизиќ, и еден младински репрезентативец, Николовски – голманската позиција е една од оние на кои стручниот штаб сака дополнителен квалитет и искуство.

Пешиќ би бил шести странец во актуелниот ростер на тимот од Автокоманда. Во моментов за сино-белите настапуваат петмина интернационалци – Исланѓанецот Монси Пал Тордарсон, Црногорецот Вуко Борозан, српскиот репрезентативец Урош Борзаш и Словенците Нејц Цехте и Матиц Сухолежник.
Евентуалната реализација на трансферот нема да биде едноставна. Пешиќ во април го продолжи договорот со Нант и е врзан со францускиот клуб до летото 2027 година. Поради тоа, останува отворено дали разговорите се однесувале на доаѓање по завршувањето на договорот или постои можност трансферот да се реализира порано, со согласност на Нант.
Пешиќ е роден на 17 март 1989 година во Риека. Во кариерата ги бранеше боите на Замет, Веспрем, Загреб, Марибор, Мешков Брест и Штутгарт, а во Нант пристигна во 2022 година. Освојувал домашни титули во Унгарија, Хрватска и Белорусија и има долгогодишно искуство во Лигата на шампионите.
Пешиќ и Лазаров не беа соиграчи во Нант. Македонската ракометна легенда ја заврши играчката кариера во 2022 година, токму кога Хрватот пристигна во францускиот клуб. Сепак, тие претходно биле ривали во Лигата на шампионите. Во 2018 година, Нант на Лазаров и Мешков Брест на Пешиќ се сретнаа во осминафиналето, а францускиот тим обезбеди пласман во следната фаза.
Дали средбата во Скопје ќе биде почеток на трансфер што ќе го донесе Пешиќ во Автокоманда, ќе биде познато во следниот период. Лазаров е по притисок дека мора да испорача резултати, па затоа се смени и концептот, и наместо само домашни играчи дојдоа и странци. Колку тоа ќе донесе резултат ќе видиме на полусезона и во дуелите со ривалите за висок пласман, Охрид, Вардар и Еурофарм Пелистер.























