Висла Плоцк славеше со 25-24 против Мелсунген во драматичниот натпревар од групата Б во Лигата на шампионите, во која настапува и Вардар. Во вториот дуел, Алборг беше убедлив на гостувањето кај Цеље и победи со 36-26.
Мелсунген одигра подобро во првото полувреме во Полска. Германскиот тим во најголемиот дел имаше минимална предност, а на паузата замина со водство од 15-13.
Висла одлично го започна вториот дел и во 34. минута израмни на 16-16. Полскиот шампион направи и пресврт, поведе со 20-18, но Мелсунген возврати и во 56. минута имаше предност од 24-22.
Зоран Илиќ со два последователни погодоци го израмни резултатот, а Сергеј Косоротов на 32 секунди до крајот погоди за 25-24. Мелсунген не го реализира последниот напад и бодовите останаа во Плоцк.
Фредерик Бјере беше безгрешен кај Висла со девет гола од девет обиди. Косоротов постигна шест, а Илиќ пет погодоци. Кај Мелсунген најефикасен беше Рејнир Стефансон со седум гола.
Овој резултат е важен и за Вардар. Мелсунген, кој во првото коло ги совлада „црвено-црните“ со 33-31, остана на два бода. Вардар по тесните порази од германскиот тим и Нант сè уште е без бодови, додека победата на Висла дополнително ја згусна табелата во групата.
Во Цеље неизвесност имаше само во првото полувреме. Словенечкиот тим во 27. минута се доближи на 15-17, но Алборг на паузата имаше предност од 19-16.
Данскиот шампион целосно доминираше во продолжението. Алборг брзо стигна до седум гола разлика, а во последните 15 минути рутински ја зголеми предноста до конечните 36-26.
Незапирлив беше Тобијас Сторм Нилсен со 13 гола од 15 обиди. Јури Кнор постигна шест, а Мадс Хоксер пет погодоци. Кај Цеље, Урош Милиќевиќ реализираше седум, а Хесус Хуртадо Вергара шест гола.
Младиот македонски ракометар Димитар Узунчев не беше во составот на Цеље за овој натпревар.
Резултати:
Висла Плоцк – Мелсунген 25-24 (13-15)
Цеље – Алборг 26-36 (16-19)
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























