Македонскиот вицепрвак Чаир ја запиша првата сезонска победа во Супер женската лига, откако славеше против Атлетик со 25-22.
Гостите се покажаа како „тврд орев“ во најголемиот дел од мечот и домаќинките, кои се уште не можат да сметаат на сите засилувања, мораа добро да се испотат за да слават на оваа пресметка.
Чаир водеше на паузата со 14-13, но 12 минути во второто полувреме не успеа да погоди, а голманката Ивановиќ на голот на Атлетик имаше одбрани во серија. За тоа време битолско-прилепската врска кај новиот суперлигаш – Конеска, Богојеска, Босилковска и Дишковска, погодија четири пати и Атлетик направи пресврт, 17-14.
Атлетик водеше со 21-20 кога остануваа седум минути до крајот, но гостинките почнаа да грешат, Чаир погодуваше кога требаше најмногу и на две минути до крај имаше комотна предност, па избраничките на Басри Љатифи можеа да здивнат и рутински ја задржаа предноста до крајот.
Најдобри стрелци кај Чаир беа Абдала со пет, како и Коловска, Дамчевска и Ѓорѓиевска со по четири гола, додека кај Атлетик шест гола даде Величковска, а пет Дамјановска.
























