Второто коло од женската Лига на шампионите донесе серија убедливи резултати, а дел од фаворитите продолжија со перфектен старт на сезоната. ЧСМ Букурешт, ФТЦ, Брест Бретањ и Ѓер стигнаа до вторите победи, додека Сторхамар ги освои првите бодови. Европскиот шампион Мец, Есбјерг и Оденсе исто така славеа.
Ракометарките на Ференцварош славеа со 40-29 против Крим. Клучна за победата беше голманката Бланка Беде Биро, која во првото полувреме имаше дури 12 одбрани и 50% успешност. Ференцварош на паузата имаше девет гола предност, а во вториот дел рутински ја одржа разликата. Елизабет Омореги беше најефикасна кај ФТЦ со седум гола, додека Лилијане Марио постигна шест за Крим.
ЧСМ Букурешт ја запиша втората победа и славеше со убедливи 36-26 против Будуќност. Главни ѕвезди на романскиот тим беа руските репрезентативки Дарија Дмитриева и Валерија Маслова, кои постигнаа по 10 гола. Будуќност успеа во второто полувреме да се доближи на само два гола, 21-19, но ЧСМ одговори со серија од 5-0 и практично го реши натпреварот. За црногорскиот шампион ова беше втор пораз, па и понатаму е без бодови. Натпреварот имаше и историски момент бидејќи Будуќност го одигра 350. натпревар во европската елита.
Брест Бретањ на домашен терен беше убедлив против Борусија Дортмунд и славеше со 34-24. Голманката Флоријан Андре имаше блескав настап со 18 одбрани и 45% успешност, додека Тамара Хорачек постигна осум гола од исто толку обиди. Македонската репрезентативка Ива Младеновска немаше погодоци против поранешниот клуб.
Сторхамар ги освои првите бодови во сезоната со победа од 27-23 на гостувањето кај дебитантот во ЛШ, Бломберг. Голманките имаа главна улога, а Ели Мари Раcок беше една од најзаслужните за триумфот на норвешкиот состав со 16 одбрани и речиси 46% успешност. Бломберг водеше со 12-11 на почетокот на второто полувреме, но Сторхамар одговори со серија од 3-0 и повторно ја презема контролата до крајот.
Ѓер има перфектен старт и го совлада Никобинг Фалстер со 35-25. Данскиот тим поведе на почетокот, но тоа беше единственото водство на гостинките. Ѓер потоа направи серија од 7-0 и за само неколку минути стигна до 10-2. Најдобра во нападот беше Емили Ховден, која постигна дури 11 гола од 13 обиди. Кај Никобинг, Клара Лерби заврши со осум погодоци.
Есбјерг ја запиша втората победа во сезоната во ЛШ, но Сола сериозно се закани во второто полувреме. Домашните имаа контрола и водеа со 9-4 во 16. минута, но Сола фантастично го отвори вториот дел и намали на само еден гол разлика. Во драматичната завршница, Есбјерг имаше 27-25, а голманката Катерина Филтер со важни одбрани го спречи целосниот камбек на Норвежанките. Нора Мерк и Хени Рајстад постигнаа по седум гола за победникот, додека Камила Херем беше најдобра кај Сола со осум погодоци.
Оденсе ја запиша првата победа во новата сезона во Лигата на шампионите, откако ја совлада Подравка со 31-24. Хрватскиот тим имаше добар старт и речиси 20 минути беше рамноправен, но потоа следуваше деветминутен период без постигнат гол. Одензе тоа го искористи за серија од 7-0 и голема предност пред паузата. Подравка во вториот дел успеа да намали на три гола, но домашните не дозволија пресврт. Ингвилд Бакеруд беше најефикасна кај Оденсе со осум гола, додека Катарина Панџа постигна дури 11 за Подравка.
Актуелниот европски шампион Мец ја продолжи победничката серија со убедлив триумф од 40-26 против Бистрица. Романскиот тим започна подобро и поведе со 4-2, но потоа Мец целосно го сврте текот на натпреварот. Голманката Сабрина Новотна беше една од хероините на домашниот тим со неверојатни 17 одбрани, а постигна и еден гол. Мец полека ја зголемуваше разликата, за во 50. минута да стигне до првото двоцифрено водство, 33-23. До крајот Французинките стигнаа до бројката од 40 гола, со што станаа вториот тим сезонава кој постигнал најмалку 40 погодоци на еден натпревар, по Ференцварош. Најефикасна кај Мец беше Кристина Јоргенсен со осум гола, додека Хелена Симао Пауло постигна шест за Бистрица.
Лига на шампиони, 2 коло:
група А
Есбјерг – Сола 28-25
ЧСМ Букурешт – Будуќност 36-26
Ференцварош – Крим 40-29
Брест Бретањ – Борусија Дортмунд 34-24
група Б
Оденсе – Подравка 31-24
Бломберг – Сторхамар 23-27
Ѓер – Никобинг 35-25
Мец – Глорија Бистрица 40-26

























