Ракометарките на Ѓорче Петров 2 по поразот од Вардар ја запишаа првата победа во Супер женската лига во новата сезона.
Избраничките на Милева Велкова славеа на гостувањето кај Пелистер со 31-23, откако направија пресврт во последните петнаесетина минути.
Битолчанки поведоа со 5-1, па 7-3, но на сцена стапија искусните Марија Анчева и Савица Мркиќ Стојанов, па Ѓорче Петров 2 израмни до паузата на 13-13.
Во вториот дел домашните водеа до 44 минута кога беше 19-18, а потоа огромен пад и грешки, кои „лавиците“ ги казнија и за десет минути отидоа на 26-19, па прашањето околу победникот беше решено.
Марија Анчева и Савица Мркиќ Стојанов со по седум гола беа најдобри во победничката екипа, а шест гола додаде Мирјана Наумоска. Кај битолчанки се истакна Еџе Сејадин со седум погодоци.

























