Гогов пред Мелсунген: Имаме голем потенцијал, верувам во Вардар!

Вардар в четврток ја започнува новата сезона во Лигата на шампионите, а ова ќе биде камбек на „црвено-црните“ во елитната конкуренција во четири години.

Капитенот на Вардар, Васил Гогов, очекува тежок натпревар против силниот Мелсунген, на чија клупа седи некогашниот стратег на македонскиот шампион, Роберто Гарсија Парондо.

„Очекуваме тежок натпревар против силен противник со широк ростер, кој може да биде опасен и од девет и од шест метри. Нашиот тим има голем потенцијал, но мораме да продолжиме да работиме напорно и секој од нас да го даде максимумот. Верувам дека можеме да одиграме одличен натпревар на стартот од нашата европска кампања“, порача Гогов.

Натпреварот меѓу Мелсунген и Вардар се игра в четврток од 20:45 часот.