Ги рангираме 12-те суперлигаши според квалитетот на составите, засилувањата, резултатите во подготвителниот период и очекуваните перформанси. Од борбата за титулата до неизвесната трка за опстанок.
Новата сезона во македонската Супер лига носи сериозни промени. Вардар влегува како бранител на двојната круна, Еурофарм Пелистер направи голема реконструкција со Лино Червар, Охрид освои два подготвителни турнири, а тимот од Автокоманда покажа дека може да победува убедливо и на меѓународна сцена.
По повлекувањето на Пролет, местото во елитата го доби Струга. Така, во основниот дел ќе настапат 12 екипи, по што најдобрите шест ќе продолжат во плеј-офот, а останатите во плеј-аутот.
Оваа листа не претставува прогноза за конечната табела. Тоа е моментална проценка на 24Ракомет пред првото коло, направена според квалитетот и длабочината на ростерите, летните трансфери и резултатите од подготовките.
Првиот домашен трофеј во Супер Купот е веќе доделен, но останува долгиот маратон во првенсвото.
ПЛЕЈ-АУТ И БИТКА ЗА ОПСТАНОК
12. Мулти Есенс
Мулти Есенс има талентирана, брза и енергична екипа, составена од голем број млади репрезентативци. Тоа е добра основа за долгорочен проект, но Супер лигата бара физичка моќ, искуство и поширока ротација.
„Витамините“ можат да бидат опасни доколку противникот им дозволи да го наметнат своето темпо. Сепак, неискуството на ова ниво и неизбежните осцилации ги ставаат на последното место во првичниот ранкинг.
Реалната цел е опстанок и развој на младите играчи. Секое место над зоната за испаѓање би било позитивен резултат.
11. Куманово
Куманово донесе шест нови ракометари, но истовремено остана без Тоше Ончев, Давид Димевски, Борјан Цековски и уште неколку важни членови од претходниот состав.
Филип Мечкароски би требало да донесе креативност, додека Наум Костов и останатите засилувања треба брзо да се приспособат на новата средина. Најголемото прашање е колку време ќе му биде потребно на тренерот Саша Радосављевиќ за да создаде функционален тим.
Кумановци ќе бидат незгодни пред својата публика, но пред стартот нема доволно показатели дека се подготвени за борба за првите шест позиции.
10. Младост Богданци
Богданчани се вратија во елитата и не сакаат нивниот престој да биде краток. Младост се засили со поискусни ракометари, меѓу кои голманот Благој Панов и тунискиот интернационалец Ахмед Мајдуб, како и пикерот Владимир Бојаниќ.
Домашниот терен, искуството на дел од ростерот и јасната амбиција за опстанок се главните адути на Младост Богданци. Сепак, долга сезона со 22 натпревари пред поделбата на плеј-оф и плеј-аут ќе бара поголема длабочина и континуитет.
Во моментов богданчани изгледаат малку покомплетно од преостанатите нови суперлигаши, но веројатно ги очекува плеј-аут.
НА ГРАНИЦАТА ОД ПЛЕЈ-ОФ
9. Еурофарм Пелистер 2
Младиот битолски состав остави позитивен впечаток во подготвителниот период. Еурофарм Пелистер 2 го совлада Бутел со 37-30 и стигна до третото место на турнирот „Миле Нешкоски“. Дојдоа повеќе ракометари кои ги има тренирано Бранислав Ангеловски и се надева дека тие ќе го понесат главниот товар.
Ростерот е исполнет со млади ракометари кои имаат енергија, брзина и желба за докажување. Нивната најголема предност е што играат без голем притисок, но токму младоста може да донесе и сериозни осцилации.
Ако ја пренесат формата од подготовките, реално можат да нападнат место меѓу најдобрите шест.
8. Бутел Скопје
На клупата на Бутел пристигна Стојанче Стоилов, а клубот направи голема промена на играчкиот кадар. Градимир Чаневски треба да донесе сигурност на голот, додека Кристијан Стаменковиќ, Марко Богдановски и останатите новајлии – кадетските репрезентативци, треба да имаат важни улоги заедно со предводникот Димитар Ѓеоргиевски.
Бутел располага со квалитетна група млади ракометари, но резултатите во подготвителниот период ги покажаа проблемите што се очекувани кај толку променет тим. Поразите од Вардар и Еурофарм Пелистер 2 открија дека им фали време за воигрување со оглед на доцното комплетирањето поради настапот на кадетите на ЕП.
Потенцијалот за скок до шестото место постои, но на почетокот Бутел изгледа како клуб што ќе мора да се подобрува низ сезоната.
7. Струга
Стружани го добија местото на Пролет и мораа за кратко време да состават тим за Супер лигата. И покрај тоа, тренерот Божидар Мојсов доби интересна комбинација од искусни и млади ракометари.
Марио Танкоски, Мице Шилегов, Мартин Јовановски, Никола Јукиќ, Стефан Ѓеоргиески, Мартин Манасков и останатите новајлии носат доволно квалитет за Струга да не биде обичен кандидат за опстанок. Јукиќ беше меѓу најдобрите стрелци на турнирот во Струга, а тимот покажа дека може да биде конкурентен.
Проблем може да биде краткиот период за подготовка и воигрување. Доколку екипата брзо создаде хемија, овој состав може дури и да се вмеша за плеј-офот, иако за оваа сезона најавуваа дека целта е стабилизација и опстанок.
БОРБА ЗА ПЛЕЈ-ОФ И ЗА ЕВРОПА
6. Тиквеш
Тиквеш доби две сериозни офанзивни засилувања во Тоше Ончев и Мохамед Азиз Бен Махфуд. Кавадарчани ќе го имаат и Борјан Цековски, а повторно можат да сметаат на силната поддршка од трибините.
Тимот стигна до финалето на турнирот „Миле Нешкоски“, но таму беше убедливо поразен од Прилеп со 36-29. Тој натпревар покажа дека Тиквеш има индивидуален квалитет, но и простор за подобрување во одбраната и ротацијата.
Европските обврски дополнително ќе ја тестираат широчината на составот. Шестото место е реална позиција, но Тиквеш ќе биде под силен притисок од Еурофарм Пелистер 2, Струга и Бутел.
5. Прилеп
Прилеп е еден од најпријатните впечатоци од подготовките. Екипата го освои третото место на турнирот во Струга, а потоа доминантно стигна до трофејот на домашниот турнир „Миле Нешкоски“.
Димитар Димитриоски лани беше најдобар стрелец во лигата, а сега беше прогласен за најкорисен ракометар, додека Благојче Трајкоски, Андреј Стојановски и останатите новајлии донесоа дополнителна широчина. Тренерот Наум Танески веќе најави дека целта е плеј-оф и борба за излез во Европа.
Прилеп во моментов изгледа како „најдобар од останатите“, веднаш зад четирите најмоќни состави. За нешто повеќе ќе му биде потребен ист континуитет и на гостинските терени.
Проблем може да биде евентуалната финансиска нестабилност која „виси“ над клубот. Засега е се добро, но ако почнат проблемите – резултатите ќе бидат во втор план.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
ЧЕТИРИ НАЈСИЛНИ СОСТАВИ
4. Алкалоид
Сините од Автокоманда го сменија концептот и сега имаат дури петмина странци. Македонските играчи ќе добиваат шанса, но во првата седморка се странците. Победите над Ловќен со 54-37 во Скопје и 40-29 на Цетиње покажаа дека тимот поседува брзина, широчина и голем офанзивен потенцијал. Но, колку што е офанзивен толку лесно прима и голови.
Урош Борзаш, Нејц Цехте, Марко Митев, Иван Џонов и Ненад Костески му овозможуваат на Лазаров да добива голови од повеќе позиции. Единствено Пивотменот Сухолежник не настапи на ниту еден меч, па не се знае каков може да биде неговиот придонес. Многу ракометни стручњаци имаат забелешки на изборот на странците.
Клубот е на четвртото место само затоа што трите екипи пред него во моментов имаат подлабоки ростери и поголем број докажани играчи за натпревари под шампионски притисок. Сепак, секое потценување на „сино-белите“ од Автокоманда може да биде скапо.
Од друга страна во екипата сите чувствуваат и притисок бидејќи спонзорот „фрла“ многу пари, а нема соодветен резултат на домашна сцена. Особено за тренерот кој ги има репрезентативците кај себе, ама нема трофеи.
3. Еурофарм Пелистер
Шест последователни победи во подготвителниот период и во Регионалната лига го прават Еурофарм Пелистер екипа со најдобра моментална форма. Иако тоа се само подготовки.
Лино Червар донесе нова енергија, а битолчани направија голема реконструкција со Малик Татар, Александар Колаковиќ, Миха Котар, Диего Басанезе и Мартин Серафимов. Во ростерот останаа Филип Кузмановски, Жарко Пешевски и Никола Митревски, па квалитетот е неспорен.
Победите над Партизан, Ловќен и Дубочица покажаа дека новиот систем брзо се прифаќа. Сепак, осумте првично донесени новајлии и новиот стручен штаб значат дека екипата допрва треба да биде тестирана во најтешките домашни дербија. За разлика од Вардар и Охрид, битолчани немаа тестови против силни екипи, па затоа и се „милиметри“ зад Охрид.
Кога ќе тргне сезоната сликата ќе стане пореална. Предизвик ќе биде што засега Червар игра само со неколкумина ракометари, и прашање е дали тие ќе можат да го издржат тој ритам цела сезона. Без соодветни ротации ќе биде тешко да се биде во врвот. Но, изненадувања секогаш има кај Червар.
2. Охрид
Два турнири и два трофеи пред почетокот на сезоната. Охрид имаше речиси идеален подготвителен период и потврди дека освојувањето на европскиот трофеј во претходната сезона не било случајност. Беше блиску до освојување и на првиот Супер Куп, покажувајќи сила која допрва треба да донесе резултат.
Екипата на Борис Ројевиќ го совлада Вардар со 31-30 во финалето на турнирот во Струга, а потоа го освои и домашниот турнир. Дино Славиќ донесе врвен квалитет на голот, додека Никола Зечевиќ, Доминик Мате, Мартин Карапалевски, Мартин Ивановски и останатите засилувања дополнително го проширија ростерот. „Староседелците“ ја заслужуваат довербата.
Охрид има реална шанса и за титулата. Причината за второто место во ранкингот е големиот број промени во составот и потребата да се одржи високо ниво паралелно во домашните и европските натпреварувања. Тие сезонава ќе играат на четири фронта и ќе треба да се најде вистинскиот баланс. Ако тоа се постигне охриѓани можат да завршат и на врвот и да се вмешаат за титулата. Покажаа осцилации во играта, но сезонава сакаат да одат чекор напред и тоа е многу веројатно.
1. Вардар
Шампионот останува на првата позиција додека некој не докаже дека може да го симне од тронот. По пауза од три сезони повторно го освоија Супер Купот како прв „вистински трофеј“ во новата сезона.
Вардар го задржа квалитетното јадро и донесе седум засилувања. Милан Бомаштар треба да ја зацврсти голманската позиција, Мохаб Абделхак доаѓа од Кил, а Матео Фадуил зад себе има сезона со 204 голови во француското првенство. Леон Љевар, Бобан Поповски, Марко Ѓорчески и Никола Нечовски дополнително ја прошируваат ротацијата. Но, ќе треба време за воигрување.
Поразот од Охрид во Струга беше предупредување дека разликата со конкурентите е намалена. Во Струга дојдоа директно од висински подготовки, а во Охрид настапија со 10 играчи и два голмани во финалето, па тоа не дава реална слика. Сепак, Вардар има шампионско искуство, широк ростер и играчи кои веќе знаат како се освојуваат трофеи.
Поради тоа тимот на Иван Чупиќ е прв фаворит, но предноста пред Еурофарм Пелистер и Охрид е мала.
БИТКА ЗА ТИТУЛА
Борбата за титулата би требало да ја водат Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид, додека тимот од Автокоманда е најопасниот кандидат од сенка. Вардар ја има почетната предност, Еурофарм Пелистер е во добра форма, Охрид има најсилни резултати од турнирите.
Прилеп и Тиквеш во моментов имаат мала предност во трката за преостанатите две плеј-оф позиции. Еурофарм Пелистер 2, Струга и Бутел се доволно квалитетни за целосно да го променат тој распоред и да бидат дел од плеј-офот.
Младост, Куманово и Мулти Есенс тргнуваат од последните три позиции, но разликите во долниот дел не се големи. Неколку домашни победи можат брзо да го променат распоредот.
Со нетрпение го очекуваме почетокот на сезоната…
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

























