Македонскиот шампион Вардар во новата сезона ќе има нов капитен – чуварот на мрежата Васил Гогов.
Негов заменик ќе биде средниот бек од Словенија, Јака Малус. Тие двајца доаѓаат како замена за Милан Лазаревски и Гоце Георгиевски.
„РК Вардар во новата сезона ќе има нов капитен – голманот Васил Гогов.
Играч кој долго време е верен на клубот, кој растеше со Вардар, се бореше за овој дрес и секогаш беше дел од црвено-црната приказна, сега добива нова и одговорна улога – да биде лидер на тимот на теренот и надвор од него.
Капитенската лента е чест, но и обврска. Таа носи одговорност, карактер и пример за сите во соблекувалната. Веруваме дека Васил со својата посветеност, работа и љубов кон клубот ќе ја носи достоинствено.
Негов заменик-капитен во новата сезона ќе биде Јака Малус, еден од најискусните играчи во тимот и важен дел од играта на РК Вардар.
Нова сезона. Нови предизвици.
Со среќа, капитени!“, напишаа од клубот.
Гогов е долго време дел од „црвено-црниот“ клуб, а сезонава е дел од голманската тројка со Милан Бомаштар и Милош Валах.
























